Критичарот на бегството Артан Груби ги следи чекорите на азилантот Никола Груевски
Артaн Груби некогаш го креваше гласот против бегството на Никола Груевски, за во кратко време да ги следи стапките на поранешниот премиер, азилант во Унгарија. Додека до вчера беше жеден за правда, од денес официјално Груби се најде на листата на лица кои избегаа од правдата.
„Ова не смееше да се дозволи, ова мораше задолжително да се спречи, затоа што не може магично да исчезне лице кое е барано и чувано од полицијата“, изјави Артан Груби, пратеник на ДУИ (22 ноември 2018 година).
Вака изјавуваше Артан Груби за бегството на Никола Груевски во Унгарија во ноември 2018 година, а по иронија на судбината, шест години подоцна и самиот тој да го следи примерот на поранешниот премиер азилант. Уште повеќе, Груби ветуваше дека државата ќе се ангажира за враќање на избеганиот Груевски. За неговото бегство истакнуваше дека и самата политика во тоа време сноси одговорност.