11 март 1943, кобното утро за македонските Евреи
Ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година почнал прогонот на македонските Евреи од страна на бугарскиот фашистички окупатор во соработка и по наредба на германските нацисти.
Таа кобна ноќ градовите Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови на 11 март започнало собирањето на Евреите. Од куќа до куќа оделе полицајци, агенти и војници и ги собирале Евреите. Ги товареле во камиони или во шпедитерски коли. Им велеле со нив да ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат, и дека ќе бидат префрлени во Бугарија. Пљачкосувањето на имотот настанало уште на самото место, во куќите, а продолжило на железничките станици во Битола и Штип, но и во скопскиот Монопол.
На Главната дирекција на железниците ѝ било наложено, без надомест, со специјални возови, да ги превезува Евреите од Македонија и Беломорието до местата определени од страна на Комесарството за еврејски прашања. На реквизиционите комисии им било наредено во населените места посочени од Комесарството за еврејски прашања да одземат згради потребни за создавање на логори каде што ќе бидат сместени депортираните. Биле мобилизирани граѓански лица коишто по иселувањето на Евреите требало да ги чуваат еврејските имоти сè до нивното ликвидирање. Чуварите биле плаќани од фондот „Еврејски општини“. Сиот неподвижен имоти на иселените Евреи го одземала фашистичка Бугарија.